Цел за Одржлив Развој 14. Живот под вода
Цел 14. Да се заштитат и одржливо да се користат океаните, морињата и морските ресурси заради постигнување одржлив развој
Океанот ги движи глобалните системи кои ја прават Земјата погодна за живеење. Нашата дождовна вода, вода за пиење, времето, климата, крајбрежјето, голем дел од нашата храна, па дури и кислородот во воздухот што го дишеме, на крајот се обезбедуваат и регулираат од морето.
Внимателно управување со овој клучен глобален ресурс е клучна карактеристика на одржлива иднина. Постои континуирано влошување на крајбрежните води поради загадувањето, а оксидацијата на океанот има разурнувачки ефект врз функционирањето на екосистемите и биодиверзитетот. Ова, исто така, има негативен ефект врз малиот риболов.
Спасувањето на нашиот океан мора да остане приоритет. Морската биолошка разновидност е од клучно значење за здравјето на луѓето и нашата планета. Морските заштитени подрачја мора да се управуваат ефикасно и да имаат доволно ресурси и мора да се воведат одредби за да се намали прекумерниот риболов, загадувањето на морето и закиселувањето на океаните.
• Океаните покриваат три четвртини од земјината површина, содржат 97 проценти од водата на Земјата и сочинуваат 99 проценти од просторот за живеење на планетата по волумен.
14.1 До 2025 година, да се спречи и значително да се намали секакво загадување на морињата, особено од копнените активности, вклучително и од морскиот отпад и загадувањето со нутриенти.
14.2 До 2020 година, одржливо да се управува со морските и крајбрежни екосистеми и да се заштитат за да се избегнат значителни негативни влијанија, меѓу другото и преку зајакнување на нивната отпорност, како и да се преземат акции за нивно обновување, со цел да се обезбедат здрави и продуктивни океани.
14.3 Да се минимизираат ефектите од закиселувањето на океаните и да се бара решение за нив, меѓу другото и преку напредна научна соработка, на сите нивоа.
14.4 До 2020 година, ефективно да се регулира користењето плодови од морињата и да се запре прекумерниот риболов, непријавениот и нелегален риболов и деструктивните риболовни практики и да се спроведуваат научно базирани планови за управување, заради обновување на рибниот фонд во најкраток можен рок, барем до ниво што може да произведе максимално одржлив принос определен од биолошките карактеристики.
14.5 До 2020 година, да се заштитат барем 10 проценти од крајбрежните и од морските подрачја, во согласност со националните и меѓународните закони и врз основа на најдобрите достапни научни информации.
14.6 До 2020 година, да се забранат одредени форми на риболовни субвенции што придонесуваат за прекумерен риболов, да се укинат субвенциите што придонесуваат за незаконски, непријавен и нелегален риболов и да не се воведуваат нови субвенции, препознавајќи дека соодветниот и ефективниот посебен и поинаков третман за земјите во развој и за најмалку развиените земји, треба да биде составен дел од преговорите на Светската трговска организација за риболовни субвенции.
14.7 До 2030 година, да се зголемат економските придобивки од одржливо користење на морските ресурси за малите островски земји во развој и најмалку развиените земји, вклучително и преку одржливо управување со рибарството, аквакултурата и туризмот.
14.a Да се зголемат научните знаења, развивање на капацитетите за истражување и трансфер на морските технологии, земајќи ги предвид критериумите на Меѓувладината океанографска комисија и Упатството за трансфер на морска технологија, со цел да се подобри квалитетот на океаните и да се зголеми учеството на морскиот биодиверзитет во развојот на земјите во развој, особено на малите островски земји во развој и најмалку развиените земји.
14.б Да се обезбеди пристап до морските ресурси и пазари за малите професионални рибари.
14.в Да се подобри заштитата и одржливото користење на океаните и на нивните ресурси преку примена на меѓународното право, како што е наведено во Конвенцијата на ОН за поморските закони (UNCLOS), која обезбедува правна рамка за заштита и одржливо користење на океаните и нивните ресурси, во согласност со наведеното во став 158 – Иднината што ја сакаме