Цел за одржлив развој 9. Индустрија, иновација и инфраструктура
Цел 9: Изградба на отпорна инфраструктура, промовирање на одржлива индустријализација и поттикнување на иновациите
Инклузивната и одржлива индустријализација, заедно со иновациите и инфраструктурата, може да ослободи динамични и конкурентни економски сили кои генерираат вработување и приход. Тие играат клучна улога во воведувањето и промовирањето на новите технологии, олеснувањето на меѓународната трговија и овозможувањето ефикасно користење на ресурсите.
Иновациите и технолошкиот напредок се клучни за изнаоѓање трајни решенија и за економските и за еколошките предизвици, како што се зголемените ресурси и енергетската ефикасност.
Во однос на комуникациската инфраструктура, повеќе од половина од светското население сега е онлајн и речиси целото светско население живее во област покриена со мобилна мрежа.
9.1 Да се изгради квалитетна, сигурна, одржлива и отпорна инфраструктура, вклучително и регионална и прекугранична инфраструктура, за поддршка на економскиот развој и човечката благосостојба, со фокус на достапна инфраструктура со правичен пристап за сите.
9.2 Да се промовира инклузивна и одржлива индустријализација и, до 2030 година, значително да се зголеми вработеноста во индустрискиот сектор и нејзиното учество во вкупниот бруто домашен производ, во согласност со националните услови, и двојно да се зголеми нејзиното учество во најмалку развиените земји.
9.3 Да се зголеми пристапот на малите индустриски и други претпријатија, особено во земјите во развој, до финансиски услуги, вклучително и до поволни кредити, и нивната интеграција во синџирот на вредности и на пазарите.
9.4 До 2030 година, да се подобри инфраструктурата и да се осовременат индустриите, со цел да станат одржливи, преку зголемена ефикасност во користењето на ресурсите и поголемо прифаќање на чисти еколошки технологии и индустриски процеси, и сите земји да преземат мерки во согласност со своите способности.
9.5 Да се подобрат научните истражувања, да се надградат технолошките можности во индустриските сектори во сите земји, особено во земјите во развој, како и до 2030 година, да се поттикне иновативноста и значително да се зголеми бројот на лица кои работат врз истражувања и развој на секој 1 милион луѓе, како и да се зголемат средствата кои се наменети за истражувања и развој од јавни и приватни фондови.
9.a Да се овозможи развој на одржлива и отпорна инфраструктура во земјите во развој, преку зголемена финансиска, технолошка и техничка поддршка за земјите од Африка, најмалку развиените земји, земјите во развој без излез на море и малите островски земји во развој.
9.б Да се поддржи развојот на домашната технологија, истражувањата и иновациите во земјите во развој, како и да се обезбеди средина која поттикнува меѓу другото и разновидност во индустриските сектори и додадена вредност на стоките.
9.в До 2020 година, значително да се зголеми пристапот до информатички и до комуникациски технологии и да се настојува да се обезбеди универзален пристап до интернет во најмалку развиените земји.
Која е целта овде?
Да се изгради отпорна инфраструктура, да се промовира инклузивна и одржлива индустријализација и да се поттикнат иновациите.
Зошто?
Економскиот раст, социјалниот развој и климатските активности се во голема мера зависни од инвестициите во инфраструктурата, одржливиот индустриски развој и технолошкиот напредок.
Па што е проблемот?
Дури и пред избувнувањето на пандемијата КОВИД-19, глобалното производство постојано опаѓа поради царините и трговските тензии.
Основната инфраструктура како патишта, информатичките и комуникациските технологии, санитарните јазли, електричната енергија и водата останува недоволна во многу земји во развој.
Зошто да се грижам?
Инклузивната и одржлива индустријализација, заедно со иновациите и инфраструктурата, може да ослободи динамични и конкурентни економски сили кои генерираат вработување и приход.
Како можеме да помогнеме?
Размислете како индустријата влијае на вашиот живот и благосостојба и користете ги социјалните медиуми за да ги поттикнете креаторите на политиките да им дадат приоритет на ЦОР.
Референци:
https://www.un.org/sustainabledevelopment/infrastructure-industrialization/
https://www.un.org/sustainabledevelopment/wp-content/uploads/2019/07/9_Why-It-Matters-2020.pdf
https://www.un.org/sustainabledevelopment/wp-content/uploads/2019/07/E_Infographic_09.pdf